Надлежности на Комисии за односи меѓу заедниците ...

Надлежности на КОМЗ

Според ставот 4 во членот 55 од ЗЛС, Комисијата ги разгледува прашањата што се однесуваат на односите меѓу заедниците застапени во општината и дава мислења и предлози за начините за нивно решавање. Тоа се најчесто прашањата што се дефинирани во членот 41 од ЗЛС, но може да има и други прашања за кои Советот смета дека се однесуваат на односите меѓу заедниците. Од досегашната практика, Комисијата ги разгледувала прашањата сврзани со членот 41 од ЗЛС и тоа за измена на имињата на улиците, усвојување прописи од областа на културата, буџетот на општината. Но, има случаи и во други општини, какви што се Струга, Кичево, Куманово и др., каде што се разгледувале и други прашања што се однесуваат на односите меѓу заедниците.

 

Комисијата, на својата седница, ги разгледува прашњата и дава предлози и препораки. Во практиката, може да се случи да постојат различни ставови и предлози по едно исто прашање. Се претпоставува дека во Комисиите членуваат лица што имаат сензибилитет за потребата на другите етнички заедници и што ќе бидат во можност аргументирано да предлагаат решенија за одредени предизвици и тие решенија да бидат од корист за сите граѓани. Препораката на ИРЗ –Тетово е да нема надгласување меѓу членовите на КОМЗ и сите предлози да бидат упатени до Советот со консензус. Во случаите кога е невозможно да се постигне консензус, да бидат забележени во еден документ како препорака сите можни предлози од членовите и да се упатат до Советот на општината, па потоа Советот да донесе одлука, која е конечна.

 

Од посебен интерес за КОМЗ во овој член е ставот 3, кој се однесува на прописите од областа на културата, на употребата на јазиците и писмата, како и на употребата на грбот и на знамето на општината. Прописите наведени погоре се носат со посебно мнозинство или т.н. „Бадинтерово“ мнозинство. Донесувањето одлуки со посебно или т.н. „Бадинтерово“ мнозинство значи дека за одреден пропис да биде усвоен, една половина од присутните членови на Совет што според својата етничка припадност припаѓаат на малцинска заедница треба да го поддржат предлогот. На пример: на последните локални избори во една општина е избран 31 член на Советот, од кои 9 советници што според својата етничка припадност припаѓаат на малцинска заедница. На седница на Советот даден е предлог за усвојување на грб на Општината. Во моментот на гласањето во салата, покрај другите советници, присутни се и 5 од вкупно избраните 9 советници припадници на етничко малцинство во општината. Кога ќе биде предлогот ставен на гласање, покрај потребното просто мнозинство, најмалку половина, односно 3 члена, од вкупниот број членови присутни во салата на Советот што се етничко малцинство треба да го поддржат предлогот за тој да биде усвоен.

 

Во голем број општини во Република Македонија има предлози за измена на имињата на улиците. Иако декларативно добиваме информации дека процедурата се почитувала, сепак, во архивите на Општините не може да се најдат податоци за работата на КОМЗ, архива од нивните состаноци, писмени препораки упатени до Советот на општината преку архивата. Исто така, интересен е моментот што се однесува на културата. Сите прописи што ги усвојува Советот, вклучително и прописите за финансирање од областа на културата, би требало претходно да бидат разгледани од страна на членовите на КОМЗ и тие да дадат свое мислење. Во општините во Македонија, генерално, тоа не се почитува, и е посебно изразено во урбаните општини со големи општински буџети, додека во руралните општини постојат повеќе примери на подобро функционирање на КОМЗ.

 

Мандатот и улогата на КОМЗ како консултативно тело при Советот на општината може да се дефинираат во следниве рамки:

  • - Правно-обврзувачки прашања поврзани со членот 41 од Законот за локална самоуправа;
  • - Превенција и разрешување на конфликти и недоразбирања во локалната заедница;
  • - Промовирање на добри меѓуетнички односи, толеранција, разбирање и дијалог меѓу заедниците.

Choose Your Language

За БОНА МЕНТЕ

За БОНА МЕНТЕ
  • Проектот БОНА МЕНТЕ Подобрување на вклученоста на немнозинските заедници на локално ниво преку Комисиите за односи меѓу заедниците се реализира во склоп на п ...

Проектот е финансиран од Европската Унија
jaune

Имплементиран од

logo ann

ZELS-logo